ПЕТРЕ БИЦЕВСКИ е роден во селото Горно Пожарско, Воденско, Беломорска Македонија во 1939 година. Во 1948 година заедно со последните прогонети го напушта родниот крај и по петнаесетдневно патување од место до место, заедно со родителите ќе го свие своето ново гнездо во селото Ерџелија, во Овчеполието. По завршувањето на студиите работи како наставник по македонски јазик, првин во Св. Николе, а потоа во Скопје.
Меѓу литературниот свет П. Бицевски е подеднакво познат и како раскажувач и како романсиер. Неговите раскази повеќе од четириесет години се среќаваат низ страниците на нашите списанија и весници.
Автор е на делата Бегалци (раскази, 1982), Класје (раскази, 1989; 2004 - Второ издание), Нашите коски (роман, 1993; 2005-Второ издание), Орловото Седело (раскази за деца, 1996), Димитрија и Лена (роман, 1997; 2011-Второ издание), Отец Алексеј и јас (роман, 2001), Од двете страни на Добро Поле (роман, 2001; 2012 – Второ издание), Судбина, прв дел (роман, 2003), Судбина, втор дел (роман, 2008), За нас нема збогум (роман, 2008), Големата љубов, (роман, 2008), Даскалот роман, 2011 година), Плачот на децата и мајките (роман, 2013 година), Атеистот (роман, 2013 година), Песната на грдото пиле (роман, 2013 година).
Освен со пишување, П. Бицевски се занимава и со собирачка дејност на фолклорни и ономастички материјали од својот роден крај и пошироко од Мегленско, како и со сликарска дејност. Има учествувано на повеќе од десет групни и на две самостојни изложби.
Петре Бицевски со неговиот гостин во Македонија- внукот на писателот Лав Николаевич Толстој, Никита Илич Толстој.
Петре Бицевски гостин на Никита Илич Толстој во Москва.