СУДБИНА 1 дел и СУДБИНА 2 дел
Дали да се верува во судбина?
Одговорот на ова прашање ќе го најдеме во романот Судбина од Петре Бицевски. Дејствието на романот претежно се одвива во селото Ерџелија, светиниколско. Токму таа, судбината ќе ги спои во заеднички живот Јана Сиркова и Кољо Врсаков.
Судниот момент беше спасувањето на Јана во надојдените води на реката Периш од страна на Кољо. Уште истиот момент, Јана си рече дека тоа е тој. Господ го прати да ја спаси и таа мора да биде негова. И покрај несогласувањето на нејзините родители, кои конечно по долго чекање ги добија документите, таа реши да остане со Кољо. Тие, односно, нејзината мајка со уште шесте други деца, ќе заминат во родниот крај по смртта на болниот татко. Ако не беше тој суден момент на спасувањето, секако ќе заминеше и Јана и нејзиниот живот ќе добиеше друг тек. Дали ќе добиеше подобар или полош тек, никој не можеше да предодреди, но сигурно нејзе немаше да ѝ се случат толку несреќи надоврзани една до друга.
Нејзиниот избраник Кољо не беше лош човек. Таа го сакаше него и тој неа. Тие си живееја добро, си родија три девојчиња и едно машко. Но, нејзе постојано ја прогонуваше народната изрека: што чинила душа, тоа ќе најде.
Страдањата почнаа уште на самиот почеток на бракот, очекувајќи ја повеќе години првата рожба. А кога радоста ќе дојде, долги години Кољо ќе биде прогонуван од агонијата во која ја виде смртта на својот син, според која тој треба да падне курбан на ново изградениот асфалтен пат помеѓу селата Пеширово и Ерџелија. Мајката и таткото постојано се тешеа еден со друг дека тоа е само лош сон, а истовремено будно бдееја над своето дете кое веќе полнеше единаесет години.
Лошиот сон се остварува. Нивниот син Трајче, тој суден ден заедно со своите другарчиња го поправа стариот велосипед и со него летнува кон новиот пат. Таму, како што го виде сонот неговиот татко, Трајче бива удрен од црната лимузина и за неколку дена умира. Болката е неизмерно голема кај родителите и како времето тече, Кољо запаѓа во се поголема депресија.
И покрај тоа што тие се посветуваат на своите две ќеркички, болката по изгубеното дете е постојано присутна. Потоа кај нив се јавува желба да родат уште едно дете, со што се надеваат дека ќе ја надополнат загубата, потајно посакувајќи да биде машко. Детето се раѓа, но женско и му даваат име Трајанка, според братчето Трајче. Тагата по загубениот син и понатаму не го напушта Кољо. Тој почнува да размислува за напуштање на селото, но каде да оди ако не во родниот крај. Така размислуваше тој, а и многу така го советуваа. Меѓутоа тоа не беше така едноставно. Тркалото на животот се повтори, односно се случи тоа од кое Јана и Кољо најмногу се плашеа. Ним ќе им се врати истото што пред дваесет години и го направи Јана на својата мајка, кога таа се врати во родниот крај со шесте малолетни деца.
Овој пат најголемата ќерка на Јана и Кољо ќе остане во Ерџелија со својот избраник. Јана ова ќе го протолкува како клетва од својата мајка, изречена при заминувањето во родниот крај, кога не помогнаа ни нејзините молби, ни пролеаните солзи, да го остави Кољо и да тргне со нив.
Цена со достава во Македонија е 350 денари. За нарачки КЛИКНЕТЕ ТУКА каде ќе ни напишете Ваше име и презиме, адреса, град и телефон за контакт. Плаќањето е кога ќе Ви биде доставена книгата. Испораката трае 3-4 работни денови.