Светот што ни го открива авторот Бицевски во оваа збирка раскази не ни е непознат, зашто тој свет кај него е основна преокупација во сите негови досегашни книги. Станува збор за едно продолжено следење на судбината на човекот од Егејскиот дел на Македонија.
Збирката е насловена според еден од расказите Песната на грдото пиле, во кој јунаците се соочуваат со една необична појава, појавата на пророштвото, кое често се среќава во верувањата кај нашиот народ.
Настаните во овие раскази главно се случуваат на две локации: во родното село Пожарско пред напуштањето на неговите жители и во селото Ерџелија, сместено во жешката овчеполска рамница каде јунаците на овие раскази се доселени не по своја волја. Па така според местото на случувањата природно оваа збирка може од еден аспект да се подели на два дела, а од друг аспект таа претставува своевидна проза во која врвицата на човековата судбина е испреплетена во двата споиви делови. Личностите се испреплетуваат и влегуваат од еден во друг расказ, а тоа се селани, старци и старички, вдовици, сирачиња, болни и намачени, кои судбината ги носи во неизвесноста, напуштајќи го родното огниште што гори од пламените јазици.
Тука е централната личност дедо Бино Гаџов, кого го среќаваме во повеќе раскази, па Никола Сирков, па Петре Катаров, Митре Ѓуптинот, Петкана Смрдулкова, дедо Андон Коцев, Ѓорѓи Дурлјанов, неротката Димитрула, учителите Лазо и Саздо и многу други.
Болката во градите на овие јунаци е преголема кога родителот нема никогаш да го дочека својот син зашто тој загинал на Грамос (Погребот на дедо Бино Гаџов), или кога младата сопруга не може да се помири со фактот дека нејзините деца ќе растат без татко (Нашата стока), а сите живеат со еден голем прашалник: ќе се вратат ли во родниот крај, ќе го видат ли своето огниште, зеленилото на планините, ќе ја видат ли бистрата Колева Река, ќе полнат ли вода од ладната Бостанка или од чешмата Раде, ќе се качи ли некогашното пастирче на Орловото Седело да види колку орлиња се испилиле.
Петре Бицевски како ретко кој од авторите што пишуваат на оваа тематика во своите раскази внесува огромен број на топоними од родното Пожарско и лексички дијалектизми за да не се избришат од заборавот.
Сместувајќи се од другата страна на границата, јунаците на овие раскази доаѓаат во судир со новите простори, со новото небо, со пеколно жешката клима, со суровите зими, со несфатливите суши спротивни на онаа питомина што ја оставиле во своето родно место во кое водата како да извира на секој чекор.
Но и тука, од другата страна на границата, животот не запира – вљубените ќе се женат, родените треба да се крстат, иако самите се соочуваат со забрана да се помолат или да се прекрстат пред иконите кои успеале да ги сокријат меѓу своите плјачки. Така таа забрана на чемерните икони и кандила од времето на молкот, од времето на стравот и болката нараснува до таква големина што кај читателот предизвикува немир во душата.
Навраќајки се на тие години, на тие спомени, на катаклизмите, на светиот белег оставен во родната стреа и на тој овде каде што го свил своето гнездо, авторот Петре Бицевски во сите раскази нишките ги влече за две времиња: овдешниот живот на прогонетиот и животот од каде што е дојден.
Личностите што се во поодминати години често мечтаат сонот да им стане јаве, зашто само насоне можат да се вратат во својот роден дом, а кога ќе се пробудат од таквиот сон се чувствуваат како птици неповратници.
Вредноста понудена во овие раскази на Петре Бицевски не е мала бидејќи, освен со интересно понудената содржина тие се одликуваат со едноставен јазик, лесен стил, прифатлив и примамлив.