Овој роман претставува исповед на животните истории на двата главни херои содржани во насловот на книгата.
Едниот од нив-отец Алексеј е во залезот на животот и со своите 78 години има многу што да му понуди на читателот од својата животна патека, а вториот, Фиркат, иако не сосема млад во својата исповед на соговорникот отец Алексеј ќе му раскажува не за себе, туку за својот татко.
На нивната спонтана средба во краиштата на помладиот исповедта ја започнува отец Алексеј, раскажувајќи за своето учество во Првата светска војна, на што Фиркат се надоврзува со сеќавања од раскажувањето на својот татко за неговото учество во Првата светска војна, во Грчко-турската војна, на Албанскиот фронт и во Втората светска војна.
Оваа книга е особено значајна од културолошки аспект затоа што од една страна изобилува со историски вистини засновани на богат документаристички материјал, а од друга страна неговата содржина ќе претставува солидна основа за етно-културолшки истражувања изразени во народниот дух и обичаи.
Цена со достава во Македонија е 350 денари. За нарачки КЛИКНЕТЕ ТУКА каде ќе ни напишете Ваше име и презиме, адреса, град и телефон за контакт. Плаќањето е кога ќе Ви биде доставена книгата. Испораката трае 3-4 работни денови.
Извадок од рецензијата за романот Отец Алексеј и јас, напишана на 4.12.2000 година од Д-р Васил Тоциновски:
Во романот станува збор за двата стожерни лика, за 79-годишниот белобрад старец Отец Алексеј од мариовските села и 43-годишниот Фиркат од с. Горно Пожарско, родниот крај на авторот.
Романот Отец Алексеј и јас е компониран во 13 глави на 180-тина страници, отпечатени во вообичаен новинарски проред.
Во содржината на овој роман Петре Бицевски не воведува преку наизменично раскажување на двата главни лика. Овој роман на прв поглед се чини дека тематски не се разликува од претходните негови дела, но само тематски, додека содржински е сосема различен.
Романот започнува со сосема случајната средба на двата главни лика Отец Алексеј и Фиркат во кањонот на Колева Река, помеѓу Тресинската плоча и Зб'нскиот Камен, во едно од најегзотичните места, во непосредна близина на топлите и лековити Пожаренски Бањи. Овие бањи, според раскажувањето на Фиркат пред 1908 година биле сопственост на Петар и Ристе Кат’рови од Горно Пожарско, се додека во тие топли води не ги излечил своите болни нозе еден турски бег од селото Биџова Маала. Оттогаш Кат’ровите Бањи станале сопственост на Турчинот. По заминувањето на Турците од Македонија нив ги присвоил грчкиот газда Тимбанидис.
Разговорот помеѓу Отец Алексеј и Фиркат се одвива пред влезот на далеку познатата Темна Пештера, за која низ народот кружеле многу легенди и преданија за лековитоста на водата што се наоѓа длабоко во нејзината внатрешност. Тука тие се среќаваат кога и двајцата излегуваат, Отец Алексеј од топлите бањи, каде што ги лечи здобиените прострелни рани од битката на Сребрената Нивичка помеѓу Србите и Бугарите во 1917 година и Фиркат кој првпат се враќа во родниот крај по неговото напуштање во 1948 година.
Понатаму, преку нивното раскажување се среќаваме со останатите ликови, болните родители на Фиркат, неговите брат и сестра, поп Димитрија, бајачката Марија Бинова, грчките учители Кузмата и Јанис Петридис, кој помеѓу учениците и селаните беше познат како Иван Жил’та, затоа што на вратот му играла некоја жила. Потоа низ романот ќе се појават партизани, Бугари и Германци, мудриот дедо Живко Асмаxајков, Ристе и Трпко Мишеви, Мицо Стојов, пастирот Митре Скребов, грчките андари Павлос Мелас и Макрис Гутас. Последните двајца, според раскажувањето на Фиркат, ќе го обесат за буката со главата надолу селскиот богаташ Митре Скребов, заканувајќи му се дека ако не им донесе голема сума лири, ќе ја изгуби сета стока, сопствениот живот и целото семејство.
Натаму ќе се појават Арнаутите Спиро Лио и Унxа Нако, па македонските комити Мирче Пецов, Луката, Тане Грозниот, се појавуваат Англичани, Французи, Арапи, офицерот Сократис, па дури на едно место во раскажувањето на Фиркат ќе се спомене и личноста на Мустафа Ќемал-Ататурк, со кого пожаренските војници ќе се сретнат во градот Чанаккале.
Во романот Отец Алексеј и јас има многу потресни слики од животниот пат на Фиркат, како што се мистериозната смрт на неговиот брат, болеста и смртта на татко му, неговата ангажираност како клисарче во селската црква Св.Јован, неговото приклучување на партизаните како малолетно дете, потоа страдањата на македонските војници во Мала Азија, на прочуеното Гали Поле, постапките на 43-годишниот поп Димитрија, кој преку блуд и разврат ја користи својата убавина и стаситост за остварување на своите цели.
Писателот Петре Бицевски, она што не успеал да го доискаже во претходните дела, во романот Отец Алексеј и јас продолжува да го надополнува и продлабочува со својата не до крај искажана мисла за борбата на македонскиот народ од беломорскиот дел на Македонија, тргнувајќи од Негушкото востание, преку пљачкосувањата на грчките и арнаутските одметници од 1905/6 година, па Балканските војни и Првата светска војна, до Грчко-турската од 1921 и Албанскиот фронт од 1939/40, за на крајот да заврши со Граѓанската војна во Грција од 1945 до 1949 година.
Кога се чита романот Отец Алексеј и јас се добива впечаток дека авторот најмногу се задржува на документаристичката проза. Како и во претходните свои дела и овде авторот со неверојатна прецизност и сигурност хронолошки ги опишува настаните и војувањата во кои сите учесници се од неговото родно Пожарско. Меѓутоа тој не е помалку успешен и при интимниот приод на социјалната нишка во која влегува со посебен афинитет и љубов, со посебна одговорност и истрајност кон човечките судбини на обичниот јунак.
Некои од личностите во романите и расказите на Бицевски се со автентични имиња и презимиња, онакви какви што се среќаваат во родниот крај, другите се измислени, а третите се заменети со нови. Романите и расказите на Петре Бицевски се испреплетуваат еден со други, како што се испреплетуваат и неговите личности. Тоа ќе рече дека Бицевски уште ја пишува првата книга, т.е. епопејата на својот народ.
Треба да се напомене уште и тоа дека авторот со извонредно познавање и чувство на одмереност употребува дијалектни изрази и зборови од својот говор, со кои особено го збогатува пластичното и ненаметливо раскажување.